Министерката за одбрана Олта Џачка во изјава за медиумите доцна синоќа го презентираше првичниот извештај за последиците од двата силни земјотреса што вчера попладне ја погодија Албанија.
– Според првичните официјални информации, иако овие информации се ажурираат од минута во минута бидејќи тимовите ја скенираат ситуацијата на теренот, до овој момент има 68 пријавени повредени, но во сите случаи станува збор за полесни повреди. Она што е најбитно е што немаме загуба на животи, рече Џачка.
Според неа поголема материјална штета е причинета на куќи и станбени згради, пред се во Драч и во Тирана.
– До сега главно се регистрирани оштетувања на ѕидови и друга штета во 46 куќи и три станбени згради во Тирана, 42 куќи, главно стара градба и 4 станбени згради во Драч, во Либражд 7 куќи, во општина Клос-Пешкопеја три објекти се оштетени а една куќа урната, од една до четири куќи се оштетени во Берат, Фиер и Лежа. Оштетени се и неколку возила врз кои паднал материјал од објекти. Потврдено е дека земјотресот не предизвикал никаква штета на нафтените извори, рече Џачка.
Таа посочи дека Министерството за одбрана, за внатрешни работи и за здравство се во целосна готовност да им помогнат на граѓаните и да се грижат за нивната и безбдноста на нивниот имот.
Џачка информираше дека за сите граѓани чии домови се оштетени и опасни за живеење општинските власти подготвуваат посебни центри каде ќе бидат сместени.
Министерството за инфраструктура и енергетика информираше дека не се регистрирани сериозни оштетувања на патишта и мостови. Кус прекин во снабдувањето со електрична енергија имало во Драч, но проблемот е надминат и снабдувањето е нормално на целата територија на земјата.
Инаку, првиот потрес со магнитуда од 5,8 степени според Рихтер и интензитет од 7,5 степени, на 30 километри северно од Драч беше регистриран во 16:04 часот и е најсилен до сега по оној од 15 април 1979 година. Почувствуван беше во сите делови на Албанија и во соседните земји.
Вториот земјотрес беше регистриран по десетина минути со магнитуда од 5,6 степени споре Рихтер. Во период од шест часа по вториот, регисгрирани се 12 потреси со послаб интензитет.
Синоќа во Драч беше претседателот Илир Мета кој по средбата со градоначалникот Роланд Насто, упати апел до граѓаните да останат смирени, побара целосна координација на структурите и додаде дека е потребна претпазливост со предупредувањата што доаѓаат од релевантните структури за да се избегне каква било можна опасност.
Премиерот Еди Рама го одложи патувањето во Њујорк на Генералното собрание на Обеднетите нации и од Фрактфурт доцна синоќа се врати во Тирана.
Лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша, посака брзо закрепнување на повредените а со меѓусебна солидарност и помош на Бога, напиша тој на Фејсбук „ќе ја надминеме оваа вознемрувачка ситуација”.
Помош во надминување на состојбата понудиле Косово и Италија.
– Со вознемиреност ја примив веста за земјотресот што ја погоди Албанија. Телефонски разговарав со претседателот Илир Мета и со премиерот Еди Рама и им ја понудив нашата помош за надминување на состојбата. Од командантот на безбедосните сили на Косово, Рахман Рама, побарав да бидат во целосна готовност. На повредените им посакувам брзо закрепнување, напиша Тачи на Фејсбук.
Италјанскиот премиер Џузепе Конте во телефонски рзговор со Рама искажал целосна солидарност и подготвеност на Италија да и помогне на Албанија во надминување на последиците од земјотресот.