Американскиот претседател Доналд Трамп и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон се договориле да потпишат спогодба за слободна трговија меѓу двете држави до јули 2020 година, пренесува британски „Сан“ повикувајќи се на висок британски функционер.
„Од двете страни постои политичка волја да се потпише спогодба до јули“, рекол неименуваниот извор.
Рокот е диктиран од ризиците поврзани со претседателските избори во САД кои ќе се одржат на есента 2020 година. Официјалните преговори за спогодбата можат да почнат дури по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, а таа има потенцијал да биде најголемата што САД ја потпишале со која било држава, наведува весникот.
САД очекуваат дека со потпишувањето на спогодбата ќе дојде до намалување на британските царини за извозот на производи од челик, како и намалување или укинување на дигиталните такси за најголемите технолошки корпорации. Британија, пак, се надева дека со спогодбата ќе добие пристап до американскиот пазар со финансиски услуги. Кон крајот на август годинава, Џонсон изјави дека САД се подготвени да потпишат спогодба следната година.