Претседателот на Израел Рувен Ривлин денеска ќе ги заврши консултациите со претставниците на сите девет партија избрани во Кнесетот, и потоа ќе донесе одлука кому да му ја довери задачата да формира нова Влада после изборите на 17 септември.
Се очекува тој да се обиде да изврши притисок за да се формира влада на наиционално единство затоа што на изборите немаше јасен победник и ниту една од двете најголеми партии со своите партнери нема потребно мнозинство за владејачка коалиција.
Сојузот на партиите на центарот на поранешниот началник на Генералштабот Бени Ганц освои 33 пратенички места, а конзервативниот Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху 31, покажуваат речиси конечните резултати.
Нетанјаху го предводи блокот десничарски и партиите на ултраортодоксните Евреи со 55 пратенички мандати, а Ганц има 44 пратеници од левичарските и партиите од центарот.
Бени Ганц
Ганц за премиер синоќа на Ривлин му го предложи и сојузот на партиите во кој мнозинство се Арапите, Заедничка листа, кој има 13 пратеници, но тие исклучија можност да влезат во коалиција.
Тоа е првпат арапски партии, поединечно или заедно, да препорачаат ционистички политичар, од 1992 година кога му дадоа поддршка на лидерот на Лабуристичката партија Јицак Рабин кој се залагаше за мир со Палестинците.
Сегашната поддршка, како што истакнаа, има за цел Нетанјаху да се смени од власт.
Но, Заедничката листа денеска го извести Ривлин дека само три од четири партии во сојузот го поддржуваат Ганц за премиер, односно 10 од вкупно 13 пратеници.
Партијата Балад соопшти дека од почеток е против тоа Ганц да се предложи за премиер, затоа што тој командувал со армијата за време на војната во Појасот Газа во 2014 година.
Израелските медиуми наведуваат дека останува да се види дали израелските Арапи можат така да ги поделат гласовите.
Во позиција на клучен фактор за формирање коалиција е лидерот на националистичката партија Израел наш дом, поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, кој најави дека ќе се залага за коалиција меѓу Ликуд, сојузот Сино-бело и својата партија која има седум пратеници.
Либерман не предложи никого за премиер на вчерашниот состанок со Ривлин, Ликуд и верската партија Шас го предложија Нетанјаху, а Ганц неговиот сојуз и Заедничката листа.
Се очекува Ривлин да донесе одлука за мандатар кон крајот на оваа или на почетокот од наредната недела. Тој денеска се среќаваа со помалите партии за кои се знае кого поддржуваат.
Претставниците на партијата на ултраортодоксни Евреи Обединет Јудаизам на Тората денеска дојдоа први во претседателската резиденција во Ерусалим. Нејзините членови рекоа дека недвосмислено го поддржуваат Нетанјаху, како и сојузот на десничарски партии Јамина.
После нив, Ривлин ќе се состане со сојузот на левиот центар Лабуристи – Гешер и левичарската партија Демократска унија. Се очекува двете партии да го поддржат Ганц.
Ако се смета дека 10 а не 13 пратеници од сојузот на арапските партии го поддржуваат Ганц, тој тогаш има една помалку номинација од Нетанјаху, односно вкупно 54.
Мандатарот има на располагање 28 дена со можност за продолжување за две недели да формира влада. Ако не успее, шанса му се дава на друг лидер на партија.
И Ликуд и Сино-бело веруваат дека оној што ќе биде втор би можел да биде поуспешен.
Изборите минатата недела беа втори годинава затоа што после првите во април Нетанјаху не успеа да формира владејачка коалиција.