Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес, затоа што СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, „сака да имплементира правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици”.
Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека идеална ситуација би била законот да се донесе, но додава дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди.
-Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон, во случај ако имаме ситуација во која треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, кој нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, вели Дескоска во емисијата Стадион на Канал 77.
Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.