Ректорката на Белградскиот универзитет, Иванка Поповиќ, денеска имаше разговори со групата студенти од Здружението „1 од 5 милиони”, кои ја блокираат зградата на Ректоратот од минатиот петок, најавувајќи за утре продолжување на разговорите.
– Разговорите со студентите беа конструктивни, веруваме дека сме еден чекор поблиску до договор. Утре продолжуваме и веруваме дека на најдобар начин ќе го најдеме решението важно за целата академска заедница, рече ректорката Иванка Поповиќ.
Студентите по состанокот изјавија дека блокадата на зградата на Ректоратот продолжува се додека не биде постигнат договор.
– Во консултација со професорите кои нè поддржаа, заклучивме дека е во наш интерес што побргу да го извадиме на виделина докторатот на Синиша Мали и универзитетот што поскоро да започне со решавање на овој проблем. Во таа насока се водеа и разговорите, а блокадата останува и се додека траат преговорите ќе нема влез за службените лица, изјави студентката Валентина Рековиќ.
Ректорката на БУ Иванка Поповиќ синоќа го осуди упадот на активистите на владејачката партија СНС во зградата на Ректоратот, оценувајќи дека со тоа е нарушена автономијата на Универзитетот.
Бидејќи ова беше услов за почеток на разговорите, студентите кои ја држат блокадата на Ректоратот рекоа дека се подготвени за преговори и за компромис.