Небото над една индонезиска провинција во текот на викендов кој измина доби крваво црвена боја поради големиот број пожари што зафатија огромни делови од земјата, јави Би-би-си.
Жителка на провинцијата Џамби, која ја фотографирала необичната боја на небото, рекла дека маглата и ги исушила очите и грлото.
Секоја година пожарите во Индонезија создаваат широк појас од магла кој може да го прекрие целиот регион на југоисточна Азија. Маглата може да биде црвена поради феноменот наречен Рејлиево расејување, истиот оној кој ја предизвикува сината нијанса на небото во текот на денот и црвената боја на сонцето при зајдисонце. Тоа е расејување на светлината што се случува кога електромагнетниот бран се судира со честичките во атмосферата.
„Во маглата од чадот претежно има честички со големина од околу 1 микрометар, но тие не се одговорни за промена на бојата на светлината. Тоа го прават помали честички, од околу 0,05 микрометри или помалку. Тие не се во голем број, но ги има доволно за да ја истакнат црвената светлина повеќе од сината“, вели климатологот Кох Тие Јонг од универзитетот во Сингапур.
Највпечатливите снимки и фотографии од овој феномен во Индонезија биле направени околу пладне, што го прави небото уште поцрвено.