Во сосема неочекуван уметнички контекст и со видно заинтересирана белградска и новосадска публика, вчера за прв пат се претстави македонскиот победник на Прашкото квадренале за перформанс дизајн и простор „Оваа зграда зборува (на)вистина“ во рамки на придружната програма на најпрестижниот театарски фестивал во регионот и пошироко, 53. БИТЕФ.
Перформансот – инсталација „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на авторот Филип Јовановски, куриран од Ивана Васева и во изведба на актерката Кристина Леловац, имаше две изведби во холот на Главната железничка станица во Нови Сад, а на барање на организаторите следуваат уште шест изведби во наредните два дена.
За изведбата во Нови Сад, БИТЕФ имаше организирано специјален превоз, а публиката имаше прилика да ги чуе и авторите на проектот во краток разговор со неа и да добие публикација која е дел од самата инсталација.
Ова гостување исто така е овозможно во соработка со „Нови Сад 2021 – Европски град на културата“ и се одржува во рамки на нивната програма „Калеидоскоп на културата“.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ доаѓа на БИТЕФ по успешното претставување на 44-то издание на МОТ Интернационалниот театарски фестивал во Скопје а во иднина се планирани и уште неколку претставувања надвор од земјата.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација.