Во Штип утревечер ќе почне Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц”, најавија денеска на прес-конференција директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов” Ката Мишева и уметничкиот директор на фестивалот, Трајче Кацаров.
Фестивалот седма година се одржува на сцената на Центарот за култура, со финансиска поддршка на Министерството за култура. „Малиот принц” годинава ќе трае четири дена со претстави од четири театри од земјава.
–Утре ќе настапи Струмичкиот театар со претставата „Пипи Долгиот Чорап”, в среда штипјани ќе можат да ја видат претставата „Том Соер” во изведба на Театарот за деца и младинци од Скопје, четврток е резервиран за „Алиса во земјата на чудата” на театарот од Охрид, Фестивалот ќе биде затвроен со претставата „Шушкава приказна” на штипскиот Народен театар, рече Мишева.
Уметничкиот директор на фестивалот Кацаров истакна дека во некогашните детства „царувале” играта, љубовта, песната. –Токму детсвото кое се одмараше во скутовите на бабите и се јазеше врз мустаците на дедовците херои, е нашата мерка за вредност. Нека ми простат денешните детства, но сите оние кои се градат врз принципите на некогашното детство се вистински детства, односно детства за вечно сеќавање. Сето тоа ќе се види во и низ претставите во наредните четири дена, рече Кацаров.
Претставите ќе се играат во малата сала на Центарот за култура „Ацо Шопов” во Штип и ќе почнуваат во 19 часот.