Сириската армија испрати засилувања кон израелската граница, се вели во извештајот на Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР) со седиште во САД, пренесува „Брејртбарт“.
Во извештајот не се наведуваат никакви причини за овој потег, кој се случи само неколку часа откако сириските државни медиуми објавија дека се урнало беспилотно летало натоварено со експлозив во регионот на планината Хермон.
Тенкови, оклопни возила, војници, муниција и оружје биле испратени во градовите Џамлах и Абдин во близина на границата со Израел, тврдат од СОХР. Тие на почетокот од месецов информираа дека либанската шиитска терористичка група Хезболах се обидува да ја преземе контролата над Кунеитра, област контролирана од бунтовниците што се борат против Асад.
Иако сириските власти тврдат дека беспилотното летало потекнува од Израел, портпаролот на арапски јазик на Израелските одбранбени сили, Авичај Адрае тврди дека дронот му припаѓал на Иран, истакнувајќи дека се спуштил на истата локација од која силите поддржани од Иран се обиделе да лансираат беспилотно летало во Израел во август.
„Она што е сигурно е дека не станува збор за дрон на ИДФ“, напиша Адрае на Твитер.
СОХР постојано известува за континуирана состојба на беззаконие во областа, која претрпе бројни напади последниве месеци.