„Подготвени сме да направиме чекор напред за да ги подобриме изборните услови”, изјави денеска министерот за внатрешни работи и шеф на Работната група за подобрување на изборните услови Небојша Стефановиќ.
Тој за РТС изјави дека мерките за подобрување на изборните услови на кои би можела да се обврзе изборното мнозинство можат да се применат до наредните избори, во рок од два до три месеци, а некои и за 7 дена.
-Верувам дека имаме доволно време и за мерките за кои е потребна редовна постапка во Собранието, рече Стефановиќ, наведувајќи дека станува збор измени во врска со кампањата за функционерите, за медиумте, Антикорупциската агенција, Регулаторна агенција за електронски медиуми (РЕМ) и избирачкиот список.
Стефановиќ кажа дека српската влада сака да покаже подготвеност да разговара за сè „за она што може да направи владата со прописи и заклучоци, за она што може да направи Републичката изборна комисија (РИК), како и за она што може да направи Агенцијата за борба против корупцијата.
-Секоја политичка активност за време на работното време ќе биде забранета, ќе биде забрането користење јавни простории за политичко агитирање, кажа Стефановиќ, додавајќи дека се предвидува граѓаните кои не гласале, да можат да имаат увид во избирачките списоци за да се уверат дали некој друг го искористил наместо нив гласачкото право.
Говорејќи за медиумите, Стефановиќ посочи дека тој за време на разговорите меѓу власта и опозицијата постојано зборувал дека власта нема идеја да биде уредник на РТС или на која било друга телевизија, но дека може да се залага за дијалог на РТС со сите парламентарни партии со цел да се зборува за сè она што сметаат дека е важно за да се биде дел од програмата на РТС.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, дека редовните парламентарни избори треба да бидат одложени за есен за да има време да се спроведат измените во изборните услови, Стефановиќ рече дека тоа не е можно според српскиот устав.