Четири лица го загубија животот, а две се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патниот правец Елбасан-Пеќин. Спорeд полициското соопштение во сообраќајната несреќа учествувале три автомобили.
-Во сообраќајната несреќа што се случи во близина на селото Папер, животот го загубија четири жени, а двајца мажи се тешко повредени. Жените, кои се на возраст од 30, 55, 60 и 68 години заедно со едно од повредените лица се враќале од погреб. Причина за несреќата е влажниот коловоз и неприлагодената брзина според условите на патот, поради што возилото во кое биле настраданите се излизгало и удрило во еден, па во друг автомобил и излетало од патот, стои во соопштението.
Инаку во две други сообраќајни несреќи денеска животот го загубиле двајца пешаци а повредени се пет лица. Годишно по патиштата низ Албанија животот го губат во просек по 250 лица.