Бојан Јовановски, одбил да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска. Како што изјави неговиот адвокат, Сашо Дуковски, одбраната претходно сака да им бидат презентирани доказите против осомничениот.
„Во овие 15 дена ќе треба да ги разгледаме доказите, па ќе дадеме исказ. Не гледаме на кристална кугла за да знаеме какви докази има. Од среда во 12 часот па наредните денови ќе вршиме увид па ќе дадеме исказ”, изјави адвокатот Дуковски. Имено обвинителката Русковска на првото соочување со доказите го известила дека истрагата против него е завршена
Дуковски појасни дека не е запознаен со фактот дали е завршена истрагата за „Рекет“ или само истрагата за неговиот клиент, бидејќи утре на распит треба да биде донесена екс шефицата на СЈО, Катица Јанева. Адвокатот рече дека и покрај тоа што Јовановски не дал изјава денеска, тој нема да се брани со молчење доколку биде поднесено обвинение.
-Не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење. Ќе дадеме исказ иако ова е повреда на правото на одбрана и правен нон сенс. Ние не гледаме на кристална кугла за да знаеме кои се доказите. Не дадовме изјава од разбирливи причини затоа што немаме увид во доказите – рече Дуковски.