Државниот инспекторат за животна средина денеска изврши вонреден инспекциски надзор во комплексот на поранешна Железарница кај три правни субјекти Макстил А.Д, ЕСМ-Подружница Енергетика, Скопје и Арцелор Митал преземен од Либерти Хаус Груп, поради вчерашното загадување на водите на река Вардар. Надзорите се вршени од страна на два државни инспектори за животна средина, а во надзорот учествуваше и еден помлад инспектор за животна средина сите од Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Скопски регион, се наведува во соопштението на инспекторатот.
Се додава дека за сите овие правни субјекти се изготвени Записници за констатација во инспекциска постапка, направена е фотодокументација, а од страна на субјектите е доставена дополнителна документација за потребите на надзорите. Од правниот субјект Арцелор Митал преземен од Либерти Хаус Груп, Државниот инспекторат за животна средина беше писмено известен дека еколошкиот инцидент, кој се случи вчера е предизвикан од нивна страна. Во работните простории на компанијата дошло до пукање, при што се случило излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и е предизвикано излевање на видно обоена црвеникаво-жолта отпадна вода во река Вардар вчера во утринските часови.
-Сите наводи се констатирани со инспекциски надзор на лице место со Записник за констатација, по што во постапката ќе следи соодветно решение во законскиот рок, а по добивањето на деталниот извештај за причините кои доведоа до инцидентот, ќе се постапи согласно законските прописи и јавноста повторно ќе биде информирана за водењето на понатамошната постапка, се вели во соопштението на Инспекторатот.