Во Министерството за туризам на Грција веќе е формиран оперативен центар за справување со проблемите што произлегуваат од банкротот на „Томас Кук” и за враќање на околу 50 илјади туристи кои со пакет аранжмани во овој момент се на различни локации во земјата, соопштуваат од министерството и додаваат дека економскиот пад на британскиот туроператор е непријатна разврска за европската туристичка индустрија, но влијае и на грчкиот пазар, jави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис вели дека процесот на враќање на туристите веќе е започнат, првите 15 авиони пристигнуваат на грчките острови, а неговата процени е дека во следните три дена ќе се вратат околу 22 илјади туристи.
-Министерството за туризам е во консултација со Министерството за финансии и надлежните министерства за да се најдат начини за поддршка на грчките туристички бизниси, соопштуваат од грчкото министерство и најавуваат дека дополнително ќе бидат соопштени конкретни мерки.
Најзасегнати се грчките острови Крит, Крф и Закинтос, но и Родос, Скиатос и Кос, каде што туристичките работници кои соработувале со „Томас Кук” ќе претрпат штета. Процените се дека најголем број туристи преку британскиот туроператор има на Крит – околу 20 илјади.
-Ова е земјотрес од седум степени и сега чекаме „цунами”. Не се само договорите што нема да се покријат на посетителите што дојдоа, туку се и оние кои нема да се реализираат, бидејќи оние кои резервирале да дојдат до 10 ноември, едноставно нема да го остварат нивното патување. Велам дека чекаме „цунами” бидејќи не може да не размислуваме и на договорите склучени за следната туристичка сезона, вели претседателот на туристичките агенции од Крит, Михалис Влатакис за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Претседателот на Сојузот на хотелиери од Крф, Бабис Вулгарис, за АНА-МПА вели дека во овој момент над три илјади туристи се „заглавени” на островот, а меѓу нив освен Британци има и Французи и Германци.
Од грчката конфедерација за туризам велат дека потребно е итно да се преземат мерки и истакнуваат дека грчкиот туризам има квалитет да се справи и со оваа тешкотија.
-Од наша страна, целиот приватен сектор треба да покаже смиреност и, особено, солидарност со илјадниците туристи на „Томас Кук” кои што се наоѓаат во Грција. Однесувањето и третманот од грчките туристички бизнисмени кон овие луѓе ќе биде огледало на сликата на нашата земја на меѓународно ниво, како гостопримлива и одговорна, соопштуваат од конфедерацијата за туризам на Грција.