Дискусија: Како ја балансирате работата со семејството, прашање и за мажите политичари

Стереотипите за жените се се уште присутни во медиумите. Панел дискусиите се повеќе застапени од гости мажи, додека на жените експерти во одредена област се уште им се поставуваат стереотипни прашања од типот како ја балансираат работата и семејството, што не е случај со гости мажи. Жените во медиумите треба да бидат застапени во позитивно светло, а говорот на омраза треба веднаш да запре. Само родово сензитивни медиуми ќе овозможат и позитивни промени во политичкиот живот и промена на менталниот склоп.

Ова беше истакнато денеска на Тркалезната маса: „Како медиумски се покриваат политичарките и како да го елиминираме говорот на омраза упатен кон жените во политиката, во организација на Националниот демократски институт, по повод Неделата на женски права и родова еднаквост.

Крис Хеншоу директор на Националниот демократски институт (НДИ), рече дека жените треба да бидат повидливи во медиумите, а медиумите треба да бидат поодговорни за да ги потенцираат постигнувањата на жените.

– Имаме одговорност да им дадеме предност на жените во медиумите. Ако жените не се застапени во позитивно светло во медиумите, тогаш младите жени во Македонија нема да се охрабрат да се вклучат во политиката. Говорот на омраза на родова база веднаш мора да престане, а за тоа постојат закони што треба да се применат, рече Хеншоу.

Франческа Бинда претседателка на „Бинда Консалтинг”, рече дека новинарите се навикнати се уште на жените политичарки да им поставуваат прашања што никогаш не би ги поставиле на нивни машки колеги.

– Колку пати маж политичар бил прашан „како го балансирате работниот живот во политиката со семејството”. Можеби треба да почнеме да ги прашуваме мажите, бидејќи кога зборуваме за родова еднаквост, исто така треба да имаме предвид и работни места што се добри за семејствата, за да можат и татковците да одат на боледување кога детето им е болно. Да бидеме сигурни кога зборуваме за родовата еднаквост, да размислуваме и за примерите што ги градиме за мажите како ги покриваме мажите во однос на жените, рече Бринда.

Додаде дека на панел дискусиите најчесто се присутни гости мажи.

– Многу пати новинар ќе има панел составен само од мажи. И продуцентите ќе ви кажат, се јавивиме во партијата и од таму побаравме да пратат претставник. Моравме да ги прифатиме тие луѓе. Прво политичките партии кога назначуваат претставници за некое прашање, треба да внимаваат да имаат родова рамнотежа, да не праќаат жени да зборуваат само за здравство или да прашуваат само мажи за економијата, рече Бринда.

Ѓулумсер Касапи, пратеничка на СДСМ и Коалицијата која е претседателка на Клубот на пратенички, рече дека говорот на омраза кон жените е се поприсутен.

– Секој ден секоја жена е на тапет на социјалните мрежи. Ќе исклучам одредени медиуми кои сакаат да не афирмираат, но тие се многу малку. Ние одлучивме да се бориме многу строго, како едно, со еден глас против говорот на омраза кон жената воопшто, кон жената политичар, рече Касапи.

Касапи, посочи личен пример како таа самата е мета на говор на омраза.

– Јас како жена Албанка се приклучив кон една политичка партија која беше повеќе составена од Македонци, и така што за мене беше поголема критика како Албанка да бидам прифтена и примена како таква. Но на тоа не размислував бидејќи моите напредни идеи, граѓанскиот концепт на општество ме привлече и ме направи силна. Ете и вчера беа кажани многу лоши зборови за мене на социјалните мрежи, дека сум антиалбанка, дека сум славомакедонка, но тоа не ме загрижува. Јас едно знам, дека сум на прав прат и дека ова е единствена алтернатива за нас, рече таа.

Истакна дека албанските медиуми во земјава не ја перцепираат и не ја канат да оди да гостува кај нив.

– Единствено имав интервју за Македонската телевизија на албански јазик. Но тоа не ме загрижува затоа што има начини каде што се истакнува мојата работа, затоа што јас работам правично, добро, за доброто на државата, за доброто на сите заедници во земјава, и нормално и за мојот народ, за албнскиот народ, кој тука живее заедно во едно општество, рече Касапи.

Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, рече дека учеството на жените во политиката и одлучувањето е еден од клучните показатели за родовата еднаквост во општеството.

– Во 2002 Северна Македонија ја воведе квотата 30 проценти пратеници да бидат жени, тоа подоцна беше зголемено на 40 проценти, во споредба со 1998, кога само пет проценти од пратениците во земјава беа жени, сега тој број е 40 отсто. Иако во моментов не постои законска основа политичките партии да ги стават жените на врвот на своите кандидатски листи, доколку биде исполнет условот за квотите, рече Која.

Смета дека жените се соочуваат со бројни пречки во однос на нивното учество во политиката и одлучувањето и оти сепак политиката останува да биде од доминантен интерес за мажите.

– Исто така менаџерските позиции во јавниот сектор се уште ги држат мажите, иако жените претставуваат мнозинство во државната служба. Само пет од 25 министри во Северна Македонија се жени. Иако во земјава немало жени политичарки на толку висок ранг, сепак постои уште голем родов јаз. Има само шест жени градоначалнички од вкупно 80. Паралелно, негативната перцепција на жените во политиката останува предизвик и загриженост и затоа е потребно да се дејствува, рече тој.

Вели дека жените политичарки и функционери независно од нивната политичка припадност се цел на говор на омраза и честопти слушаме како тие се изложени на говор на омраза од повеќе страни, од традиционалните, социјалните медиуми, од своите колеги, но и од останатата јавност. Тој тука го спомена примерот со мизогините коментари кон новата министерка за финансии Нина Ангеловска.

– Загрижени сме дека понекогаш медиумите ги засилуваат предрасудите кога известуваат за случаи на родово базирано насилство, медиумите многу често ја повторуваат машката страна на приказната така што ја намалуваат сериозноста на насилството, а тоа понатаму ги стигматизира жртвите и ги зајакнува родовите улоги и ја намалува позицијата на жените, оценува шефот на ОБСЕ во Скопје.

Потсети дека ОБСЕ започна кампања за борба против гласините и дискриминацијата, врз основа на пол и род, фокусирајќи се пред се на жените од руралните области и жените со попреченост.

– Само родово сензитивни медиуми ќе овозможат и позитивни промени во политичкиот живот и промена на менталниот склоп. Уште многу треба да се направи да се постигне јасност и родова еднаквост во целиот политички живот, заклучи шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава.

Треба да знаете
Последни објави