Организацијата СОС Детското село, која има згрижено над четири милиони деца во 136 земји ширум светот, годинава одбележува 18 години постоење во нашата држава. СОС Детско село почна со работа во земјава во 2001 година.
Организацијата, како што информира во соопштение, денес се грижи за децата и младите без родителска грижа, работи на полето на социјална превенција, и ги зајакнува семејствата во социјален ризик во кои децата се во најголем ризик да ја загубат грижата од своите родители.
Програмата за поддршка на млади, како што информираат од СОС Детското село, згрижува 28 млади од 14 до 18 години и дополнително поддржува уште 30 млади излезени од грижа, кои студираат. Преку програмата за социјална превенција, во двата советодавни центри во Град Скопје, поддржани се 47 семејства и 144 деца и млади во социјален ризик.
– Богатото 70-годишно искуство кое го има СОС Детски села Интернешанл, а од кое црпи искуство и СОС Детско село во своите 18 години постоење, во однос на справувањето со проблемите поврзани со грижата за децата, гарантира дека ќе остане доследно во грижата секое дете да порасне во грижлива семејна средина. Низ целиот свет, огромен број на деца се без родителска грижа и многу се изложени на ризик да западнат во таа ситуација, се наведува во соопштението на СОС Детско село.
Како што се посочува во соопштението, СОС Детско село останува посветено во својата мисија – Секое дете да има семејство; Секое дете да расте со љубов; Секое дете да расте со почитување; Секое дете да расте со чувство на сигурност. Секое дете да има семејство во кое ќе расте опкружено со љубов, почитување и чувство на сигурност.
– Овие пораки ќе нè држат силни да ја подобриме нашата работа за да одговориме на секоја ситуација. А, се надеваме дека со нашиот придонес на глобално ниво, СОС Детските села ќе продолжат да вршат позитивни и видливи промени во животот на милиони деца, информираат од СОС Детско село.