ВМРО-ДПМНЕ почнува со акција „Разговори за обнова на Македонија“

ВМРО-ДПМНЕ од петок до 12 декември ќе ја спроведе акцијата „Разговори за обнова на Македонија“ со која тимови предводени од највисокото раководство на партијата ќе ги посетат сите поголеми населени места во земјата.

Акцијата ќе почне со посета на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет на партијата, Ане Лашкоска на Битола.

Посетите продолжуваат в сабота, 28 септември, кога тим предводен од членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска и Трајко Славевски ќе го посетат Петровец, додека тим предводен од Коце Трајановски ќе биде во посета на Чаир.

„Акцијата има цел граѓаните да можат одблиску да ги кажат своите проблеми и потреби, кои подоцна ќе бидат преточени во програмски решенија на партијата. Република Македонија се наоѓа во тешка ситуација, заглавена во тежок криминал, корупција и рекет. Владеењето на правото е на последно место, а економијата тоне. Состојбата на апатија и безнадежност мора да заврши. За таа цел се потребни итни предвремени парламентарни избори за пад на СДСМ. По падот на власта на Зоран Заев следува обнова на Македонија, во секоја пора на општеството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави