Европскиот суд на правдата на страната на „Гугл“ за тужбата од Брисел

„Гугл“ победи во клучниот случај што против компанијата го водеше Брисел кога Европскиот суд на правдата пресуди дека американската компанија не мора да ги прошири европските прописи за правото на заборавање врз своите пребарувачи, пренесува „Спутник“.

Европскиот суд пресуди дека, според законите на ЕУ, не постои обврска за пребарувачите надвор од територијата на земјите членки на ЕУ да ја применуваат одлуката на судот од 2014 година, според која, луѓето имаат право да контролираат што ќе се појави кога некој ќе го внесе нивното име во пребарувач на интернет.

Меѓутоа, во одлуката се наведува дека операторот на пребарувачот мора да преземе мерки за да ги одврати корисниците на интернет да излегуваат надвор од ЕУ за да дојдат од информации.

Како што се наведува, случајот ја нагласи потребата од балансирање меѓу заштитата на приватните податоци и правото на јавноста на информации, а се поставува и прашањето како да се применат разни надлежости кога интернетот не признава граници.

Случајот на Брисел се засноваше на пресудата на Европскиот суд од 2014 година дека луѓето имаат право да го контролираат она што се појавува кога нивното име ќе се пребарува на мрежата. Пресудата дојде по тужбата на еден Шпанец, кој побара „Гугл“ да ги отстрани линковите од новинарска статија од 1998 година во која се вели дека неговата куќа му била одземена поради даночен долг.

Поради тоа, „Гугл“ беше принуден да ги избрише врските што водат до застарени или срамни лични податоци кои се појавуваа во пребарувањата во рамките на ЕУ.

Една година подоцна Франција побара од компанијата да ги отстрани резултатите на сите свои пребарувачи, а не само на европските локации, како www.google.fr.

Француската агенција за заштита на податоците, ЦНИЛ, се обиде да го казни „Гугл“ со 100.000 евра во 2016 година за неотстранување на линковите побарани од европските граѓани. „Гугл“ соопшти дека ќе ги отстрани резултатите од пребарувањето само во ЕУ, но не и на другите локации, и ја обжали одлуката до Судот на правдата на ЕУ.

Судот пресуди дека таквата примена на териториите надвор од ЕУ не е законска.

Оние што се залагаа за проширување на прописите тврдат дека на интернет е лесно да се премине од националните верзии на веб-страниците на оние надвор од ЕУ за да ги најдат избришаните информации.

Во изминатите пет години „Гугл“ прими речиси 850.000 барања од поединци што бараат отстранување линкови до 3,3 милиони веб-страници.

Треба да знаете
Последни објави