Земјотрес со јачина од 4,6 степени денеска го погоди најголемиот град во Турција, но нема извештаи за штети или жртви, јави ДПА.
Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека земјотресот се случил на длабочина од 5,3 километри во Мраморното Море во близина на областа Силиври, на европска страна на Истанбул.
Државната телевизија ТРТ емитуваше снимки од училиште каде се евакуираат ученици во Силиври и луѓе кои во паника бегаат од локална продавница.
Нема пријавени штети, соопшти кабинетот на гувернерот на Истанбул на својата интернет страница.
– Нема жртви, изјави градоначалникот на Силиври Волкан Јилмаз.
– Ова е сепак потсетник за Истанбул да биде добро подготвен за голем земјотрес, истакна Јилмаз.
Земјотресот се случи на главниот расед во Северна Анадолија, проследен со три потреси, јави ТРТ.
Турција претрпе катастрофални земјотреси во минатото, вклучително и оној во близина на Истанбул во 1999 година, во кој загинаа повеќе од 17.000 луѓе.