Градењето на стратегија за правилно буџетирање и креирање на одржлив и реален буџет, мобилноста на градовите и грижата за животната средина се главните теми на кои се разговара на Шестата конференција за одржлив развој на општините, што се одржува во германскиот град Дизелдорф. На конференцијата, што е во организација на ЛАГ– 21 и фондацијата „Фридрих Еверт”, учествува и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Градоначалникот Богоев, како што соопшти прес-службата на Општина Карпош, пред присутните говорел за активностите на Карпош и Градот Скопје, во рамки на Европската недела на мобилност, како и за првото „соларно дрво” во Карпош кое е, како што се вели, чекор напред во поттикнувањето на користење алтернативни превозни средства.
– Начинот на преработка на сувите гранки во Карпош, за потребите на Зоолошката градина – Скопје претставува решение преземено од германските градови, при претходната студиска посета на градоначалникот во Германија (мај 2019). Советите и предлозите за креирање на одржлив буџет ќе и помогнат на Општина Карпош, особено во периодот кој претстои во создавањето на новите буџетски програми за 2020 година. Имајќи ја предвид финансиската состојба на Општината, градоначалникот и администрацијата се стремат да создадат буџет кој ќе одговори на потребите на граѓаните, ќе ги опфати најгорливите проблеми, без да се создаваат нови долгови, се вели во ссопштението.
На конференцијата учествуваат повеќе од 100 претставници, носители на јавни функции, административни службеници и претставници од граѓанскиот сектор.
Свои презентации на конференцијата имаат и членови од Комитетот на регионите, советодавно тело на ЕУ кое се состои од претставници од регионални и локални власти на земјите – членки и тие споделуваат позитивни практики за урбаната мобилност и транспорт во градовите.
– Силни општини се главен предуслов за силна Европа. Низ оваа максима се одвиваат голем дел од дискусиите, ставајќи акцент на потребата од зголемена поддршка на локалните самоуправи и нивна самостојност во извршувањето на надлежностите, се вели во соопштението од општината.