Филипче  во ОН: Достапна, квалитетна и долгорочно одржлива здравствена заштита со граѓаните во центарот на здравствениот систем е наша долгорочна стратегија

Универзалната здравствена покриеност е главна цел за здравствени реформи во нашата земја, истакна меѓу другото, министерот за здравство, Венко Филипче во своето обраќање на Самитот за универзалната здравствена покриеност на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

 

Филипче нагласи дека таа цел произлегува од заедничката визија на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за здравство, за здравје и благосостојба на секого и насекаде кон што се насочени и здравствените реформи во земјата.

 

„Заедничка цел е да се изгради достапна, квалитетна и долгорочно одржлива здравствена заштита со граѓаните во центарот на здравствениот систем, а исто така да се зајакне чувствителноста и одговорноста на поединецот за своето здравје и здравјето на другите. Поставувањето на овој проблем како приоритет осигурува дека сите луѓе имаат пристап до здравствени услуги со доволен квалитет, а тоа ќе игра голема улога во намалувањето на здравствените нееднаквости во Северна Македонија“, потенцираше министерот за здравство Филипче во своето обраќање на Самитот за универзалната здравствена покриеност на 74-тото Генерално собрание на ОН.

 

Тој информираше дека Северна Македонија е меѓу првите земји на глобално ниво што ја разгледа својата заложба за примарна здравствена заштита во согласност со Декларацијата на Астана и дека земјата го продолжи овој процес за време на првиот национален форум за здравствена заштита, што се одржа на 13 февруари 2019 година.

 

Министерот Филипче го запозна Самитот за универзалната здравствена покриеност за новата визија на земјата за примарната здравствена заштита како клучен национален приоритет насочен кон подобрување на севкупните перформанси на здравствениот систем и истакна дека земјата ја забрзува нејзината имплементација.

 

„Усогласувањето на примарната здравствена заштита со оваа визија ќе го зголеми нејзиниот капацитет за реакција и ќе обезбеди одржливост на здравствениот систем, спречување и намалување на товарот на незаразните заболувања и подобрување на здравјето и благосостојбата на населението во Северна Македонија“, рече во своето обраќање министерот Филипче, и додаде дека мултисекторската соработка продолжува фокусирана на главната цел – да обезбедиме достапен и висококвалитетен здравствен систем ориентиран кон граѓаните.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави