Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која денеска беше на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, не дала исказ за „Рекет”. Јанева пред обвинителите кажала дека ќе даде исказ за овој случај откако лично ќе изврши увид во доказите.
– Сега е добра. Таа пати од хронични болести и се наоѓа под голем стрест и притисок, што е веројатно нормално за секој човек во нејзино место, појасни Фрчкоска.
Прашан дали со завршување на истрагата ќе бараат поблага мерка притвор, адвокатот Дељо Кадиев, рече дека уште утре кога ќе го добијат известувањето ќе се обратат до Судот и ќе укажат на можноста да биде ослободена со гаранција
– Со завршување на истрагата отпаѓа точката два која што значи влијание врз доказите, така што ќе се отвори можност притворот да остане само под точка еден, што подразбира бегство и ќе се отвори можност за нудење на гаранција и да биде ослободена со гаранција. Тоа е во однос на притворот, изјави Кадиев.
Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет” Бојан Јовановски. Тој беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите.
По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет” и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.
Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.
Случајот „Рекет” Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се пришири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.