Со донација од 2,2 милиони евра, Катастарот ќе спроведе проект со кој до 2023 година ќе ги зајакнува капацитетите и ќе изработи нови алатки за подобри услуги кон граѓаните и фирмите. Финансиската поддршка е обезбедена од Шведскиот катастар кој ќе понуди и експертска помош за планираните пет компоннети со проектот, меѓу кои воспоставување адресен регистар, центар за скенирање и дигитализирање на сите катастарски документи и модерна геодетска инфраструктура.
Со проектот „Соработка за дигитална демократија”, Агенцијата за катастар на недвижности, како што најави директорот Борис Тунџев, ќе добие постојана едукација и подобрување на техниката и перформансите реализирани во пет компоненти, во периодот до 2023 година.
Планираниот Адресен регистар треба да обезбеди услуги, алатки и податоци достапни за општините, владините организации, како Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика, Централниот регистар и Центарот за управување со кризи, како и јавниот и приватниот сектор. – Ова ќе влијае врз зајакнувањето на довербата на граѓаните во владините институции, особено кога се во прашање чувствителни теми како што се гласачките права, правото на имот, пристапот до јавните услуги и правото на еднаква можност, рече Тунџев.
Модерната геодетска инфраструктура што треба да се воспостави, укажа тој, е основа за размена на геопросторни податоци во регионот и со државите на Европската Унија и ќе ја стимулира употребата на модерни технологии зголемувајќи ја ефикасноста при геодетските мерења, заштитата на животната средина, управувањето со кризи и научните истражувања. Според него, со тоа ќе се генерираат точни геопросторни податоци со највисок квалитет.
Сите документи од трајна вредност, од централните и од локалните архиви на Катастарот, ќе бидат скенирани, дигитализирани и ќе бидат на располагање, а ќе се овозможи забрзан и дигитализиран процес за решавање на катастарските предмети, но и кај професионалните корисници.
– Имате многу информации и документи што не се користат затоа што не се во дигитална форма. Тоа значи дека треба да направиме нешто овие документи да бидат на располагање и да се користат практично, односно да ги скенираме. До крајот на проектот сакаме да видиме да се воспостави не само пилот центар, туку и центар за скенирање што ќе работи и каде документите ќе се скенираат и чуваат, рече Зоја Фарај од Шведскиот катастар на презентацијата на проектот.
Проектот треба да обезбеди и одржлива организација на ИКТ-секторот во АКН, а Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) да има ажурирани, точни и добро одржувани просторни податоци, преку националниот НИПП-геопортал.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, од реализацијата на проектот бенефит ќе имаат сите приватни и професионални корисници на услугите на Катастарот. Со него, потенцираше тој, ќе се воспостави одржлив систем што ќе понуди ажурирани и прецизни просторни податоци.
– Во време кога Министерството за транспорт и врски ја прави најголемата реформа во делот на просторното планирање, верувам дека овие дигитални алатки ќе бидат од огромна корист при нивното спроведување, наведе Сугарески, истакнувајќи дека Министерството за транспорт ќе создаде соодветна легислатива и услови за примена на новите технологии и дигитални алатки за модернизација и унапредување на услугите што ги нудат јавните институции, олеснување на пристапот до информации од интерес за граѓаните и деловните субјекти, како и за брзина и ефикасност во спроведување на процесите.
Покрај проектот, Катастарот промовираше и Студија за избор на нова државната картографска проекција, чиј автор е професор Златко Србиноски.
– Студијата е само еден чекор од претстојниот долготраен процес за примена на нов референтен систем во државава. Изборот на државната картографска проекција е многу битен сегмент од областа на картографијата. Државата е исправена пред избор на оптималната државна картографска проекција. Актуелизирана е потребата од промената на државниот координативен систем, за да се усогалси со координатниот систем ЕТРС89, што претставува европски стандард, беше истакнато на промоцијата.