Ликовна инсталација „Светилиште” на Ѓорѓи Митревски во мобилна/монтажна галерија

Во мобилна/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата утре, 26 септември, со почеток 20 часот ќе биде поставена Ликовната инсталација „Светилиште” на Ѓорѓи Митревски.

Ликовната инсталација „Светилиште” на Ѓорѓи Митревски претставува навраќање кон најстариот ликовен израз на претставување на женскиот акт, забележан уште во вазното сликарство на античкиот свет (цртеж на вази). Во „Светилиште“ се претставени серија актови, но таа претстава е сосема ослободена од типичната иконографија на минатото за да се овозможи еден слободен пристап кон „сексуалното“.

Тргнувајќи од типичната античка Афродита и римската Венера, преку ренесансниот третман на женскиот акт и модерниот ликовен приказ, па сè до фотографската експлицитност на нашево време, прашањето на разликата меѓу nude и naked, односно прашањето на границата меѓу убавото и невкусното останува и понатаму отворено. Авторот смета дека оваа разлика, за која повеќе треба да се зборува како за флуктуирачка граница, единствено може да се разреши во личното, интимното доживување на гледачот, а не во нормите на расудување. Преку приказ на актови во еден сосема интимен амбиент, во оваа поставка гледачот ќе може да се соочи со различни доживувања како што се еротичност, грациозност, анималност, невиност, вулгарност… при што самиот ќе може да го оживее допирот меѓу сопственото интимно доживување и сопствените ставови и норми.

Ѓорѓи Митревски се занимава со фотографија, ситопечат и анимација и досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија, Босна и Херцеговина, Германија, Франција, Кина и САД.

Изложбата е финансиски поддржана од Општина Центар.

Треба да знаете
Последни објави