Ангеловска: Одговорноста на фармацевтите е огромна во обезбедувањето квалитетно, безбедно и ефикасно лекување на пациентите

Одговорноста на фармацевтите е огромна во обезбедувањето квалитетно, безбедно и ефикасно лекување на пациентите, како и во делот на превенцијата од појава на грешки и намалување на бројот на несакани реакции од лековите. Тие се вклучени во сите нивоа во процесот на обезбедување лекови за пациентите од нивното откривање, испитување, произведување, дистрибуирање и издавање, истакна на прес-конференција претседателот на Фармацевтската комора, Бистра Ангеловска по повод одбележувањето на 25 септември, Светскиот ден на фармацевтите под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите”.

Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека за лековите во аптеките кои се легално на пазарот во државата и имаат соодветен квалитет гарантира Агенцијата за лекови и медицински средства, за кои е мерка стандардот на еврпската фармакопеја која е официјален документ за стандард и квалитет на лековите. Таа посочи дека Агенцијата за лекови ги проверува нивните карактеристики особено патот по кој стигнале во државата од производството на активните супстанции до нивните ефекти и дистрибуција низ организмот.

– Сето тоа се проверува и лековите се пуштаат во промет. За квалитетот на лековите кои се пуштени во промет и се продаваат во аптеките гарантира Агенцијата за лекови, потенцира Ангеловска.

Во врска со тоа дали во државата влегуваат фалсификувани лекови рече дека имаат многу малку податоци, бидејќи тоа е во надлежност на Агенцијата за лекови, МВР и Царината. Според неа, генерално не е дозволено тие да бидат пуштани во промет, се повлекуваат и се уништуваат соодветно.

– На сајтот на Агенцијата за лекови може да се пријават несаканите реакции од лекови, вклучувајќи и немање ефект од нив. Дури и ако кутијата од лекот не личи на претходната што пациентот ја подигнал од аптека, и тоа тој е должен да го пријави, а и фармацевтите се должни тоа да го пријават. За жал можеби сме една од ретките држави во која здравствените професионалци не пријавуваат несакани реакции од лек толку масовно како што тоа се случува во светот. Апелирам до пациентите и здравствените работници да го пријават сомнежот за несакана реакција или интеракција или несоодветно пакување, рече Ангеловска.

Таа појасни дека во промената на правилникот за континуирана едукација, значи бодовите што ги собираат фармацевтите за релиценцирање, кој е во фаза на потпишување, стои дека за тие да се стимулираат да пријавуваат несакани реакции од лек, ќе им се доделуваат бодови за лиценцирање.

– Колку повеќе пријави за несакани реакции ќе имаат фармацевтите толку повеќе бодови ќе може да добијат. Тоа е една од можностите тие да се стимулираат да пријавуваат несакани реакции за нешто да се преземе, додаде Ангеловска.

Пред почетокот на прес-конференцијата, Фармацевтската комора им додели благодарници на институциите со кои соработува, а на најдобрите студенти од трите фармацевтски факултети во државата им подели ваучери за бесплатно полагање на државниот испит и добивање лиценца.

Треба да знаете
Последни објави