Европската полициска агенција „Европол“ бележи зголемен број апсења поврзани со десничарски тероризам, стои во доверливиот „Стратешки извештај“ на „Европол“, до кои дошле германските медиуми, весникот „Зидојче цајтунг“ и јавните радиодифузери НДР и ВДР.
Значителниот пораст на десничарскиот радикализам се рефлектира и преку зголемениот број насилни инциденти во многу земји-членки на ЕУ, се вели во документот.
Како што се наведува, бројот на апсења поврзани со десничарски тероризам во последните три години постојано се зголемува, од 12 случаи во 2016 година, на 44 во 2018. Десничарските групи, исто така, покажуваат постојан интерес за оружје и експлозиви.
За да се стекнат со физички способности и воени вештини за употреба на оружје, во извештајот се наведува дека припадниците на десничарските групи настојуваат да регрутираат воени лица кои би им ги пренеле знаењата.
Важна улога во тоа имаат и натпреварите во боречки вештини, во кои особено се вклучени припадници на екстремната десница.
„Европол“ со загриженост забележува дека десничарските радикални организации и мрежи здобиваат се поголема популарност кај помладите и образовани луѓе.
Се зголемува и меѓународното вмрежување на овие групи: „Хамерскинс“, „Војници на Один“, во Германија забранетата „Крв и чест“, како и групата „Комбат 18“.
Неколку покраински министри за внатрешни работи прогласија забрана за „Комбат 18“, но германскиот сојузен министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, сè уште не донесе конечна одлука.
Сепак, се очекува Зехофер наскоро да претстави план на нови мерки за борба против десничарскиот екстремизам, а веќе му беа доставени соодветни предлози од Агенцијата за заштита на уставниот поредок (Агенцијата за разузнавање) и Федералната канцеларија за криминал.