За една седмица на грчките острови пристигнале 2856 бегалци и мигранти

Во периодот од 16 до 22 септември 2019 на островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје, пристигнале 2856 бегалци и мигранти, бројка што е поголема и во споредба со една седмица претходно, но во споредба со истиот период лани според седмичниот извештај од УНХЦР-Грција, jави дописничката на МИА од Атина.

Во просек, за една седмица, дневно пристигнувале 408 лица, а најголемиот број од пристигнувањата, 1438 се регистрирани на островот Лезбос. Паралелно, 506 баратели на азил ги напуштиле островите и биле префрлени во други центри во Грција.

Заклучно со 22 септември, од почетокот на годинава во Грција пристигнале 41 940 бегалци и мигранти од кои 32 685 по морски пат.

На островите, според УНХЦР-Грција има околу 29 илјади бегалци и мигранти, од кои најголемиот број се од Авганистан (40 отсто), а потоа следат Сирија (14 проценти) и Конго (9 отсто).

Според официјалните податоци од грчката влада, од почетокот на месецов, заклучно со 23 септември на островите во источниот дел од Егејското море, пристигнале 7571 бегалци и мигранти.

Треба да знаете
Последни објави