Трката која трета година по ред е дел од нашиот главен град, Skopje Run 10K, минатата година беше сведок на илјадници лица кои беа дел од нејзината хуманитарна приказна. Целта на организаторите беше да отворат уште една врата преку која ќе може да се помогне на заедницата и општеството и истата ќе ја има и во ова издание.
Затоа што самата трка и спортувањето имаат една клучна цел, поголемо здравје и подобар начин на живот за сите, Сојуз на спортови на Скопје заедно со Град Скопје одлучија оваа година средствата од хуманитарните цели да ги искористат за засадување на дрвја. Една од причините да се направи тоа и да се „Засади воздух“ во Скопје е поради предизвиците со кои што се соочува градот во зимските месеци. Тие се надеваат дека ова ќе е уште една капка во долгорочниот заеднички труд за подобра животна средина.
Секој кој што сака да помогне да се #ЗасадиВоздух може да купи dry-fit маица од Skopje Run 10K од која 100 денари ќе бидат одделени за самата акција. Оваа можност трае до 27. септември 2019 година и маиците може да се нарачаат на http://skopje.run/ или https://www.smartrace.club/.
Покрај онлајн, самите маици може да се купат и при подигнување на стартните пакети на 4 и 5 октомври во кугланата во Спортскиот центар “Борис Трајковски“. На 4 октомври (петок) подигањето на стартните пакети ќе биде од 12 до 18 часот, а на 5 октомври (сабота) од 10 до 18 часот. Потребно е да се приложи документ за идентификација при подигање на стартниот пакет.
Пријавувањето на Skopje Run 10K сѐ уште не е затворено и трае до 1. октомври 2019 или до исполнување предвидениот број на учесници. Пријавувањето исто се реализира преку http://skopje.run/ и https://www.smartrace.club/
Главни покровители на Skopje Run 10K се Агенција за млади и спорт и Град Скопје. Трката е организирана од Сојуз на спортови на Скопје, Атлетска федерација и Атлетски клуб Работнички.