Полицијата во Мадрид наскоро ќе започне со употреба на електрични пиштоли како делумна замена на оние со вистински куршуми, бидејќи тие се препорачуваат од меѓународните организации за заштита на човековите права, објави вчера градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида. Градската полиција во наредните недели се очекува да добие 200 црно-жолти пиштоли од типот „Тeјзер“, што е оружје кое предизвикува електрошокови. Тоа влијае врз нервниот систем на луѓето и животните, привремено парализирајќи ги мускулите, главно во рацете и нозете.
„Кога ќе има потреба од примена на сила, таа ќе биде колку што е можно поограничена“, изјави за новинарите Имакулада Санц, портпаролка на одделот за безбедност во градот. Таа рече дека градот ќе одвои околу 500.000 евра за оваа набавка.
„Се надеваме дека полицајците ќе добијат вакви пиштоли што е можно поскоро. Нивната употреба ја препорачуваат многу меѓународни организации за човекови права во кои членува Шпанија“, додаде таа и истакна дека овие пиштоли имаат и камера за снимање на полицициските интервенции.
Сепак ваквата мерка не значи дека пиштолите со вистински куршуми ќе бидат целосно повлечени од употреба.