Се надевам дека ќе изнајдеме сили и дека разумот ќе надвладее за да се донесе законот за јавно обвинителство, кој е во собраниска процесура и кој ќе обезбеди услови за непречено гонење на висока корупција и криминал, истакна пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева на гостувањето во емисијата „Само Вистина” на Канал 5 телевизија.
Главно прашање е дали, кај опозицијата има политичка волја за формирање на трајна институција, со сите потребни ресурси и капацитети за гонење на висок криминал, рече Калеска Ванчева.
Таа ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека со законот за јавно обвинителство позицијата сака да се пресмета со опозицијата, потсетувајќи дека добро е познато кога и зошто беше формирано Специјалното јавно обвинителство, односно од страна на сегашната опозиција, за која добро знаеме како ја практицираше својата апсолутна власт.
Во врска со случајот Рекет, Калеска Ванчева рече дека сите мора да ја почитуваме поделбата на власта, додајваќи дека Обвинителството работи според законите и ја врши својата работа независно.
СДСМ се залага за владеење на правото и секогаш го слуша гласот на граѓаните, рече пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.