Принцот на Саудиска Арабија, Бин Салман, рече дека ја сноси одговорноста за убиството на новинарот Џамал Кашоги што се случи минатата година. Ова тој го кажал во документарен филм на Пи-би-ес кој би требало да биде емитуван следната недела.
„Тоа се случи под мое владеење. Сета одговорност е моја затоа што се случи под мое владеење“, му рекол принцот на новинарот Мартин Смит во документарниот филм кој ќе биде прикажан на 1 октомври.
Запрашан како е можно убиството да се случило без негово знаење, Бин Салман, го избегнал одговорот.
„Имаме 20 милиони граѓани. Имаме три милиони вработени“, рекол тој.
Новинарот го прашал саудискиот принц и зошто убијците користеле приватни авиони на власта.
„Јас имам функционери, министри кои ги следат работите и тие се одговорни за тоа. Тие имаат овластување за тоа“, наводно му рекол на новинарот, но камерата била исклучена.
Саудиски оперативци го убија Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Ова е првпат принцот Бин Салман, кој де факто е владетел во Саудиска Арабија, јавно да зборува за убиството кое го потресе неговото кралство и поради кое западните медиуми вршеа огромен притисок врз своите држави построго да се постават кон Саудиска Арабија.
Изјавата на Бин Салман особено е интригантна поради обвиненијата дека тој сам го нарачал убиството, во што се сомнева ЦИА и уште неколку разузнавачки служби на западните држави. Саудиска Арабија тврди дека принцот нема никаква врска со тоа.