Денеска, заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, имаше воведно обраќање на Третата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК). Заменик министерот Жерновски, нагласи дека претстојниот период до одржување на октомврискиот Совет на ЕУ е од големо значење за развојот и иднината на европската перспектива на нашата земја. Истакна дека во односите со Европската Унија е создаден позитивен моментум за напредок и премин во нова фаза од процесот на пристапување. “Моментите се создаваат постепено, но можат многу брзо да се изгубат, затоа не смееме да дозволиме да ја пропуштиме шансата за почеток на преговорите сега во окотмври 2019 година”, изјави Жерновски.
Во своето обраќање тој даде пресек на досега постигнатото во делот на реформите, на активностите на домашен и надворешен план, нагласувајќи ги и позитивните промени во соработката на Владата со граѓанскиот сектор во спроведување на реформите. Во тој контекст, говорејќи за реформскиот процес и предизвиците пред нас, ЗМНР Жерновски нагласи дека “Државата е на правиот пат, го направивме потребното за да го отвориме патот за НАТО и ЕУ интеграциите”,
На денешната сесија се дискутираше на тема: Како против корупцијата?
Со одржувањето на Третата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), се означува завршувањето на првиот нејзин циклус, каде фокус во дискусиите беше ставен на 4 поглавја: Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), Социјална политика и вработување (Поглавје 19), Правосудство и основни права (Поглавје 23) и Правда слобода и безбедност (Поглавје 24).