– Амандмани со кои ќе се алоцираат средства за два проекти од локална инфраструктура, беа прифатени од Министерството за финансии на вчерашната комисиска расправа за ребалансот во Собранието, на која присуствуваше заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Станува збор за два амандмани, едниот предложен од пратеници од владеачкото мнозинство, а другиот од пратеници од опозицијата, во вкупна вредност од околу 40 милиони денари со намена изградба на локален пат и рехабилитација на локална водоводна мрежа.
Заменик-министерката за финансии Елези истакна дека носењето на буџетот или пак ребалансот е демократски процес и дека преку конструктивен дијалог ќе се донесат најдобри решенија за граѓаните.
Инаку со ребалансот на буџетот се алоцираат средства за проекти кои се во интерес и на граѓаните и на стопанството, како мерката за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за активните мерки за вработување, дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, за земјоделието и за други проекти.
Инаку амандманска расправа за ребалансот е во тек на собраниската Комисија за финансирање и буџет и продолжува и денеска.