Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави денеска дека американскиот претседател Доналд Трамп му ветил дека ќе му помогне во процесот за враќање на Крим, пренесува „Спутник“.
„Верувам, и го слушнав ова, дека тој се согласува оти ова е наша земја и ние ќе ја вратиме. Тој вели:„ Да, треба да работите на тоа и ние ќе ви помогнеме “, изјавил Зеленски, цитиран од новинската агенција УНИАН.
Зеленски на средбата со Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН му раскажувал на американскиот претседател за убавините на Крим и дека таа територија ѝ припаѓа на Украина како и дека е потребно да се врати во нејзини рамки, со што, според Зеленски, Трамп се согласил.
Меѓутоа, Трамп оценил дека Украина го изгубила Крим додека на чело на Вашингтон била друга администрација, а не неговата.
„Затоа вие имате шанса да ни помогнете“, одговорил кусо Зеленски на што Трамп реагирал со куса реплика: „Точно, имаме“.
Белата куќа се уште не ја коментирала изјавата на Зеленски.
Веста за поддршката доаѓа среде политичките превирања што почнаа минатата недела откако американските медиуми објавија, повикувајќи се на дојавувачи, дека за време на телефонскиот разговор во јули, Трамп побарал од Зеленски да соработува во истрагата за деловните зделки на Хантер Бајден со локална компанија за гас.
Јулскиот разговор на двајцата лидери предизвика политичка криза во САД, бидејќи се чини дека Трамп ја уценува Украина барајќи од неа услуга, а истовремено ѝ ја укинал воената помош што требало да ја добие.
Транскриптот на интервјуто е објавен откако демократите покренале официјална истрага за тврдењата дека Трамп извршил притисок врз Зеленски да ја отвори истрагата за да ги зголеми шансите во трката за реизбор во 2020 година.