Обнова на водоснабдителниот систем во горната зона на Кавадарци

До март следната година се очекува да заврши реконструкцијата на дел од водоводната и канализациската мрежа во Кавадарци, инвестиција од 840 илјади евра.  Ќе се обезбеди комплетно ново водоснабдување на горната зона во градот, нова атмосферска канализација и комплетно ново улично асфалтирање. Активностите се дел од проектот што се реализира со поддршка на КФВ банката со вкупна вредност до 13,8 милиони евра, којшто покрај Кавадарци, опфаќа подобрување на водоснабдувањето и во Радовиш, Гевгелија и Гостивар.

-Станува збор за проект од преку 800 илјади евра, очекуваме реконструкцијата да биде завршена согласно на рокот во месец март. Целиот проект е 13.8 милиони евра и ги опфаќа општините Кавадарци, Радовиш, Гевгелија и Гостивар, очекуваме работите навреме да бидат завршени. Тоа се проекти кои ги имаме и во владините програми, за колку што можеме, сериозно да го зголемиме процентот на изградба на водоводи и канализации, бидејќи во минатото многу малку се вложувале во овој дел, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при увидот во градежните работи.

Во делот на капиталните инвестиции, според него, реализацијата во ресорот што го предводи е одлична.

– Подобрувањето на комуналната мрежа во Кавадарци е само еден од дваесетина проекти на кои работиме, а во моментов се подготвуваат уште десетина нови. Во делот на патната инфраструктура имаме 55 проценти реализација на инвестиции или 115 милиони евра, во делот на гасификацијата имаме реализирани 71 процент, имаме 100 проценти реализација во изградба на социјални станови, изјави Сугарески.

Како што информира, Министерството за транспорт сериозно работи на проектот за приоритетни локални патишта со 70 милиони евра од Светска банка, за кој што ќе можат да аплицираат сите општини по методологија и се очекува  негова примена до крајот на годината и почетокот на идната.

-Остануваме и понатаму на она што сме постојано посветени, делот на инфраструктурата. Имаме забрзување во делот на железницата, првата делница Куманово-Бељаковце, која очекуваме на почетокот од другата година да биде завршена, а целта е да почне и втората, до Крива Паланка, каде веќе се обезбедени 68 милиони евра неповратни средства и да се заврши проектот за кој има меморандум со Република Бугарија, информираше министерот.

Според Јанчев, обновата на водоводната и канализациската мрежа се само дел од активностоте на кои се работи заеднички во Кавадарци. – Доколку продолжиме со ваква динамика, да ни се прифаќаат проектите, Кавадарци за наредните две години ќе биде една од најдобрите општини во државата, нешто што сите го посакуваме. Во трета фаза одиме со 2.5 милиони евра грант за атмосферска канализација, која ќе се реши во цела општина, рече градоначалникот, укажувајќи дека очекуваат солидна сума и од парите за локални патишта.

Најави заедничка реконструкција на влезот од кај Неготино. Од Марена до Глишиќ патот комплетно ќе го рехабилитира Агенцијата за патишта, а заеднички со Министерството и Агенцијата, од Глишиќ до Северен булевар ќе се направат  четири ленти. Со тоа, рече, Кавадарци со невработеност од пет проценти, а по економски развој на второ место во државата, ќе стане општина каква што и доликува да биде.
-Агенцијата преку Министерството, во дослух со Владата, ни има одобрено и проект кој се работи, за заобиколница на Кавадарци, 400 илјади евра за проектна документација, со што ќе се реши најгорливиот проблем на кавадарчани. Тешките товарни возила од индустријата, околу 300 дневно, да не поминуваат низ градот. Ретко се случува на општина да и биде одобрен ваков проект, нагласи Јанчев.

Треба да знаете
Последни објави