Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, побара загарантирани места за припадниците на малцинствата во албанското Собрание.
Ваквото барање тој го изнесе на тркалезната маса организирана од мисијата на ОБСЕ во Тирана посветена на изборната реформа на тема „Негирани од страна на системот: Воспоставување на сеопфатен систем за заштита на демократијата”, на која учествуваа пратеници од албанското Собрание и претставници на политичките партии и цивилниот сектор.
– Во моето излагање, во името на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, истакнав дека ако има некој кој е негиран од страна на системот тоа се малцинствата во Албанија. Освен грчкото малцинство кое традиционално е застапено во албанското Собрание, другите малцинства: македонското, влашкото, ромското, бошњачкото, египќанското, српското и црногорското малцинство се политички незастапени во албанското Собрание во изминатите 30 години, вели Стерјовски.
Тој посочува дека е време малцинствата во Албанија да имаат загарантирани места во албанскиот законодавен дом, по примерот на многу држави во Европа, кои имаат обезбедени мандати во нивните парламенти за националните малцинства.
– Верувам дека ќе се најде политичка волја, но и со помош на нашите стратешки партнери САД и Европската Унија со новата изборна реформа, малцинствата во Албанија да имаат загарантирани места во албанското Собрание, нагласува Стерјовски.
Според него една од зацртаните активности на МАЕИ е партијата да биде застапена со свој пратеник во албанското собрание.
– Ние мора да се избориме секогаш да бидеме парламентарна партија. Заеднички со сите малцинства, бараме да имаме загарантирани места, додаде Стерјовски.
Инаку, Стерјовски од мај годинава стана првиот пратеник во албанскиот Парламент во плурална Албанија, кој доаѓа од редовите на македонска партија, но и воопшто прв пратеник кој јавно се декларира како Македонец. Тој го доби мандатот, откако пратениците од коалицијата што ја предводеше Социјалистичкото движење за интеграција, чиј дел на јунските избори пред две години беше и МАЕИ, се откажаа од пратеничките мандати. Врз основа на договорот Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.