Предлог, потпишан од 30 пратеници, колку што е потребно, достави владејачката Нова демократија за формирање специјална парламентарна комисија што ќе спроведе прелиминарна истрага за евентуалната вмешаност на поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА, Димитрис Папангелопулос во случајот „Новартис”, jави дописничката на МИА од Атина.
Предлогот на пратениците се однесува на четири прекршоци кои наводно ги сторил поранешниот министер, меѓу кои прекршување и злоупотреба на службена должност и поттикнување лага.
Според грчките медиуми, согласно парламентарните процедури, предлогот на пратениците од Нова демократија, по соопштувањето, ќе се разгледа на пленарна седница во рок од 22 дена, односно најдоцна до 20 октомври. По завршувањето на расправата ќе се одржи тајно гласање на кое пратениците ќе одлучат дали да се формира комисија што ќе спроведе прелиминарна истрага или не. За формирање, потребни се 151 глас. Доколку се изгласа предлогот, тогаш не е исклучено сценариото, комисијата да констатира дека Парламентот не е надлежен за гонење и да го врати случајот до надлежните судски органи.
По обвинувањата на политичари и судии дека случајот со фармацевтската компанија Новартис е наместен, обвинителството на Врховниот суд на Грција, спроведе истрага, состави предмет и случајот го достави до Парламентот, каде што минатата седмица беше соопштен пред пратениците, а се однесува на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос, согласно Уставот и законот за „Кривична одговорност на министрите”.
Нова демократија реши да побара прелиминарна истрага само за поранешниот министер, а не и за поранешниот грчки премиер.