Градоначалникот на Општина Битола Наташа Петровска изврши увид на исчистените диви депонии на повеќе локации во градот и околината, како и на регионалниот патен правец Прилеп-Охрид, односно обиколницата над Битола.
Депониите од двете страни на регионалниот пат, односно обиколницата над Битола, целосно се исчистени и континуирано, 24 часа се одржува чиста околина, изјави Петровска.
-Депонијата долги години беше срамна слика на регионалниот пат кој е во непосредна близина на нашата општина. Депонијата ја чистевме во неколку наврати и притоа општинските комунални претријатија отстранија 2.000 метри кубни смет. Сега вработен на ЈП „Комуналец”-Битола секојдневно ја чисти околината, а во тоа помагаат и граѓаните кои поддржуваат вакви акции, истакна Петровска.
Локалната самоуправа и битолските комунални претпријатија неделата на интензивно чистење на дивите депонии ќе ја заокружат в сабота со ангажман на нови диви депонии пријавени од битолчани.
-Кога се сака, се се може, а пример е обиколницата над Битола која се одржува чиста и уредна. Неделата на еко-акции ќе заврши в сабота со вклучување на комуналните претпријатија, невладини еко-организации, граѓани поединци и доброволци кои ќе чистат во населбата „Боримечка”, „Тепсија”, „Буковски ливади”, поранешниот средношколски интернат, депониите кај Нов пазар и други места на кои ќе има механизација и вработени од општинските комунални претпријатија, најави директорот на ЈП „Комуналец”-Битола, Панде Богоевски.
На прес-конференцијата во Битола беше посочено дека во наредниот период ќе биде интезивирано теренското присуство на инспекциските служби кои како што беше речено ќе изрекуваат јавни опомени и казни за нарушување на комуналниот ред во градот.