Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом денеска го објави текстот на жалбата за дејствата за претседателот Доналд Трамп, подготвена од свиркач во Белата куќа. Во меѓувреме „Њујорк тајмс” дознава дека информаторот бил агент на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Текстот е објавен на девет страници, но е недостапен во целост, некои параграфи се класифицирани, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Во жалбата свиркачот напишал дека во рамките на своите задолженија дознал дека Трамп ги злоупотребил своите претседателски надлежности за „да издејствува мешање на друга земја во изборите на САД во 2020 година”. Тоа се гледа од настојувањата на Трамп до раководството на Украина да истражува за активностите на Хантер Бајден, син на неговиот политички противник, Џо Бајден.
Информаторот изразил загриженост за тоа дека Трамп се обидува да влијае на властите на Украина во однос на прашање за истрага на активностите на Хантер Бајден. Во жалбата тој детално прераскажува детали од разговорот на Трамп со неговиот украински колега Володимир Зеленски и истакнува дека за тоа дознал од неколку официјални лица во Белата куќа.
Според него, вработените биле крајно загрижени од дијалогот на претседателите.
Исто така, свиркачот укажал дека подоцна високи официјални лица од Белата куќа правеле крајни напори за да се ограничи пристапот до шифрираниот разговор. Според претставникот на разузнавачката служба, тоа е доказ дека во администрацијата на Трамп сфатиле дека дејствата на претседателот се неправилни.
Инаку, „Њујорк тајмс” дознава дека информаторот бил агент на ЦИА со задолженија во Белата куќа.
-Неговата жалба укажува дека тој е обучен аналитичар, наведува весникот.
Мнозинство во Претставничкиот дом (221 од 235 демократски конгресмени), се изјасни дека ќе гласа за некаква форма на импичмент за Трамп.
За време на средбата со украинскиот претседател Зеленски синоќа во ОН во Њујорк, Трамп негираше дека извршил противправни дејства во разговорот со неговиот колега и ги спореди „30-те илјади украдени електронски пораки на Хилари Клинтон”, како многу посериозен прекршок, во одговор на пораката ка Клинтон дека тој „ги предал САД”.
Белата куќа вчера објави меморандум со декласицифирана содржина од разговорот на Трамп со Зеленски оддржан годинава на 25 јули. Од транскриптот се дознава дека Трамп бара од украинскиот претседател да започне истрага за наводна корупција во семејството Бајден.
– Ова е противзаконско дејство и изневерување на претседателската заклетва, обвинуваат демократите, а со цел „да се нашети на политички противник”.
Поранешниот потпретсдател Бајден се наоѓа во ек на предизборна кампања за номинација кандидат за претседател од демократите. Тој поддржа започнување на процедура за импичмент на Трамп.
Синот на Бајден до почетокот на годинава бил ангажиран во бордот на директори на украински енергетски холдинг, мета на корупциска истрага во 2016 година.