Косовскиот претседател Хашим Тачи изрази жалење поради смртта на поранешниот француски претседател Жак Ширак, за кого вели дека „му помогна на Косово во најтешките денови”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи на својата страница на Фејсбук напиша дека, за поддршката на бомбардирањето на НАТО врз српски воени и полициски цели во 1999 година, „граѓаните на Косово ќе му бидат вечно благодарни” на францускиот државник.
– Со големо жалење ја примив веста за смртт на поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак. Тој беше една од големите фигури на светската политика која му помогна на Косово во најтешките денови, посебно на конференцијата во Рамбује и со поддршката на бомбардирањето на српски воени и полициски цели во 1999 година, Жак Ширак ќе остане почитуван државник и личност на која граѓаните на Косово ќе му бидат вечно благодарни, напиша Тачи.
Жалење по повод смртта на Ширак, кој почина денеска на 86-годишна возраст, изрази и лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово поранешниот премиер Иса Мустафа, кој изјави дека поранешниот француски претседател беше голем пријател на Косово.
– Смртта на поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак, е голема загуба, не само за Франција, туку и за целото човештво. Претседателот Ширак беше голем пријател на Косово и на неговиот народ. Ние сме му благодарни на претседателот Ширак за големата поддршка што ја даде на Косово и веруваме дека партнерството меѓу Косово и Франција, кое се зацврсти за време на неговото водство, ќе продолжи да се продлабочува меѓу нашите две земји и два народи, изјави Мустафа.