Милан со празни раце се враќа од гостувањето кај Торино во последниот натпревар од 5. коло во Серија А, иако гостите водеа до 72.минута.
Милан поведе во 18. минута со голот на Пјонтек од пенал, но Полјакот пропушти добра шанса по десетина минути игра во второто полувреме за да го дотолчи противникот.
Казната за ова стигна во 72. минута кога Белоти доби долга топка, се ослободи од Мусакио и силно биеше од врвот на шеснаесетникот. Четири минути подоцна истиот играч го постигна и вториот гол откако Донарума го одбрани ударот на Заза, но Белоти со „ножички“ погоди за 2:1.
Во финишот од мечот се случуваше драма. Најпрво Кеси од неколку метри шутна високо преку голот, за потоа Заза да се најде очи во очи со Донарума и да се лизне во клучен момент.
Криштоф Пјонтек можеше да донесе бод во 95. минута, биеше од пет метри со глава, но Сиригу со одличен рефлекс го спречи Полјакот.
„Росонерите“ го доживеаја третиот пораз сезонава, а втор по ред откако пред неколку денови изгубија од Интер и паднаа на 10. позиција на табелата.