Во текот на денешниот ден, ЈП „Комунална хигиена” –Скопје започна есенска акција за генерално чистење на општината Чаир, каде што ќе биде извршено рачно и машинско миење и метење на главните и на сервисните улици, како и отстранување на дивите депонии. Во рамките на акцијата, Претпријатието ќе спроведе и активности за чистење на дворовите во сите образовни институции во оваа скопска општина.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена” –Скопје, Абдусамед Шабани, заменик-градоначалникот на Градот Скопје, Енвер Маличи, градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу и легендарниот олимписки шампион во борење – Шабан Трстена, го означија почетокот на акцијата, со посета на ООУ „Цветан Димов”, каде што беше организирана еко-манифестација и предавање за совесното и правилно постапување со отпадот.
„ЈП „Комунална хигиена” –Скопје денеска организира активности за чистење на дворовите на основните и средните училишта, како и градинките во општината Чаир. На овој начин, сакаме да ја подигнеме еколошката свест кај најмладата популација, дека хигиената и чистотата зависат од сите нас. Секој со своите постапки може да придонесе за заштита на животната средина, а најдобрата почетна точка е чистењето и одржувањето на хигиената во својот двор и непосредната околина каде што живееме, учиме и работиме.”- изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена” –Скопје, Абдусамед Шабани.