Република Северна Македонија останува посветена на спроведувањето ефикасни реформи во функција на стратешките приоритети за членство во ЕУ и НАТО, а во изминатиот период ги унапреди и односите со соседите. Со Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, земјата ги надмина пречките на патот кон ЕУ и НАТО.
Ова денеска го истакна претседателот на Собранието Талат Џафери кој во придружба на пратеникот Енес Ибрахим, во рамките на официјалната посета на Република Казахстан, денеска оствари средба со Дарига Назарбаева, претседателка на Сенатот на Парламентот на Република Казахстан.
Џафери информирал за очекувањата за добивање на датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ и за динамиката на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО. Тој нагласил дека, Собранието е функционална демократска институција, во која се води активен и интензивен политички дијалог меѓу пратениците од власта и од опозицијата, за што беше добиена потврда и во последниот Извештајот на ЕУ за напредокот на државата.
Како што информираат од Собранието, на средбата се разговарало за улогата на парламентарната дипломатија и потребата за зголемување на улогата на парламентите во надворешните работи и меѓународните односи.
Џафери и Назарбаева се согласиле дека, постојат бројни можности за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламенти, како на билатерално ниво меѓу претседателите, комисиите и парламентарните групи за соработка, така и во рамките на мултилатералните форуми.
Претседателката Назарбаева информирала дека во Сенатот на Република Казахстан е формирана Група за соработка со Република Северна Македонија и изразила задоволство за напредокот што земјата го постигна во аспирациите за членство во ЕУ и во процесот за интеграција во НАТО. Таа се заложила за зајакнување и развој на соработката меѓу Казахстан и Северна Македонија на полето на економијата, културата и туризмот.
Соговорниците размениле искуства во врска со родовата еднаквост во парламентите и се заложиле за поголемо учество на жените во политиката. Назарбаева упатила честитки што во македонското Собрание, 42 отсто од пратениците се жени, нагласувајќи дека повеќето парламенти во светот треба да го следат овој позитивен пример.
Претседателите се согласиле дека воведувањето безвизен режим за граѓаните од двете земји треба да се финализира што поскоро, во интерес на унапредувањето на соработката во сите области од заеднички интерес.
Во рамките на посетата, Џафери го посетил Меѓународниот финансиски центар Астана и одржал предавање на Правниот факултет на Универзитетот KAZGUU, на тема „Парламентарна дипломатија – примерот на Собранието на Република Северна Македонија”. На предавањето организирано од Дипломатскиот академски клуб, покрај студенти и професори на Правниот факултет, присуствувале и амбасадори и дипломати, соопшти Собранието.