Електронско издавање на сертификатот за потекло на стоки наместо досегашното во хартиена форма

Отсега извозно-ориентираните компании ќе имаат можност да го добиваат сертификатот за потекло на стоки по електронски пат со што ќе заштедат време и средства. Досега, овој меѓународен трговски документ, кој се користи за да се одреди потеклото на стоките за службени, комерцијални и финансиски потреби при извоз, се издаваше исклучиво во хартиена форма со пропратна документација.

Електронскиот начин на издавање на серитфикатот денеска го промовираше Сојузот на стопански комори со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

– Водејќи се од глобалните трендови, Сојузот од денес стартува со новата услуга за компаниите што ќе значи полесно, поефикасно и побрзо дигитално издавање на сертификати за потекло за производите наменети за извоз. Досегашниот процес на хартиено издавање на сертификатот одземаше драгоценo време, поточно подигнување на документација, пополнување од страна на компаниите и повторно доставување за верификација. Сегашната процедура ќе се одвива електронски во целина, со што се скратува значително од времето за администрирање на сертификатите, се заштедува не само време, туку и трошоци за пaтување од и до местото на издавање, а дополнително се зголемува транспарентноста на севкупниот процес, истакна претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Прва компанија која започна да го користи електронскиот сертификат за потекло е „ТИФИ ГРУП”, увоз-извоз од Велес. Нејзиниот директор Филип Рашевски денеска истакна дека на овој начин процесите се забрзуваат и над 90 проценти и се заштедува време и средства за патување, односно процедурата хартиено ја завршувале минимум за еден ден, а сега за многу пократко време.

Сертификатот за потекло на светската компанија ESS CERT, која управува со најголемата електронска мрежа на сертификати за потекло во светот, го користат 240 стопански комори од 14 земји од светот. Сертификатот се користи во меѓународните трговски трансакции и со него се потврдува дека производот  исполнува одредени критериуми за потекло од одредена земја. Во светот околу две илјади стопански комори доставуваат повеќе од 12 милиони сертификати за потекло годишно.

Првиот сертификат за потекло е издаде во 1898 година.

Треба да знаете
Последни објави