Министерот Исмаили присуствуваше на отворањето на новата концертната сезона на Филхармонија

Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа присуствуваше на концертот насловен „Така зборуваше Заратустра“, со кој свечено беше отворена новата концертна сезона на Филхармонијата насловена „Моја бесмртна љубов“. Во рамки на концертот љубителите на класичната музика можеа да ужива во изведбата на две грандиозни дела: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Лудвиг ван Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус. Како солист на концертот настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, а со оркестарот диригираше еден од највлијателните полски диригенти,  Антони Вит.

Филхармонијата во новата концертна сезона 2019-2020 чиј наслов алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, како и преку изведба на негови дела, се вклучува во одбележувањето на 250 годишнината од раѓањето на овој истакнат германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година.

Инаку Филхармонијата и оваа концертна сезона ќе и понуди на публиката одличен избор на солисти и диригенти, како и софистицирано избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.

Треба да знаете
Последни објави