Во Германија е забележан прв случај на западнонилска треска. Пациентот се заразил по убод од комарец во сопствениот дом, објави Институтот „Роберт Кох“ во Берлин.
„Постар пациент од Сојузната Држава Саксонија, во меѓувреме, заздрави и ја напушти болницата во Лајпциг“, соопшти Институтот „Роберт Кох“.
Првично, пациентот бил лекуван од воспаление на мозочната обвивка, а вирусот бил откриен подоцна. Со оглед на тоа што пациентот не патувал надвор од неговиот регион, лекарите веруваат дека тој бил заразен откако бил каснат од комарец што го носел вирусот.
Пријавено било дека пациентот живее и работи во „рурално подрачје“.
Досега во Саксонија вирусот е откриен кај неколку животни.
Според Институтот „Роберт Кох„, последните две натпросечно топли лета придонеле за ширење на вирусот северно од Алпите, каде го пренесуваат некои домашни видови комарци.