ЈСП: Јавниот превоз во Скопје нема да поскапи

Во ЈСП Скопје велат дека јавниот превоз во Скопје нема да поскапи. Цената за едно возење од 50 денари ќе важи единствено за идните електронски хартиени билети. Новите билети ќе се продаваат од 1 ноември.

– Билетот ќе биде наменет само за еднократна употреба, хартиен со вграден безконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди, компатибилен со постоечката опрема, односно ќе се валидира безконтактно на постоечките валидатори – велат ЈСП.

Јавното претпријатие нарачало 300.000 билети за едно возење, но оттаму потенцираат дека нивното користење е првенствено наменето за граѓаните кои ретко користат јавен превоз, за луѓето од другите македонски градови и за туристите. Покрај во автобусите, билетот за едно возење ќе може да се купи во билетарниците на ЈСП и во маркетите и трафиките низ Скопје. Воведувањето на новиот билет за едно возење не значи дека ЈСП и приватните превозници се враќаат на стариот начин на наплата на билети. Токму поради тоа, цената на новиот билет е поскапа, за да ги обесхрабри граѓаните да го користат билетот за едно возење. Наместо неа, од ЈСП Скопје очекуваат граѓаните да продолжат со употреба на картичката „Скопска“ или со мобилни телефони да го плаќаат возењето.

Треба да знаете
Последни објави