Во Скопје, денес, гостуваат претставници на централни банки и на други регулаторни институции на националните финансиски системи од нашиот регион, како и претставници на дел од меѓународните институции во чиј фокус се активностите за подигнување на нивото на финансиската писменост. Народната банка е домаќин на Петтиот состанок на Регионалната работна група за финансиска едукација на Југоисточна Европа, на кој ќе се дискутира за досегашниот напредок на полето на финансиската писменост и на финансиската инклузија во регионот, како и за натамошното засилување на активностите во оваа сфера заради постигнување подобри резултати на регионално ниво.
„Финансиската писменост е значајна од повеќе аспекти – овозможува носење соодветни одлуки од страна на секој поединец, особено во услови на брз раст на нови финтек-производи и услуги, придонесува за одржување на вкупната финансиска стабилност, поттикнува домашно штедење коешто е клучно за инвестиции, како и побрза реална конвергенција на економиите и обезбедува поддршка за повисока финансиска инклузија, којашто, пак, е клучна за инклузивен економски раст.” – истакна гувернернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во поздравното обраќање со коешто го отвори состанокот. Таа детално се осврна на актуелните состојби и на податоците за нивото на финансиската едуцираност во Југоисточна Европа, коишто укажуваат на потребата од уште поголемо и посоодветно вложување во оваа сфера.
Потем, на првата сесија на состанокот, се зборуваше за глобалните трендови на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија, при што свои излагања имаа и претставници на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) и на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Учесниците коишто ги претставуваат финансиските институции од регионот, на состанокот разменуваа мислења за најсоодветните начини на прифаќање на дел од овие глобални трендови преку натамошните активности во регионот. Заедничка цел е да се успее во спроведувањето координирана акција на регионално ниво во која ќе се инсистира на вклучување на сите релевантни субјекти.
Како што беше истакнато на почетокот на состанокот, особено е важно што кај финансиските регулаторни институции од регионот постои и желба и подготвеност за координирано спроведување на голем дел од натамошните активности и на регионално ниво. Оттука, во рамки на состанокот ќе се потпише и првиот меморандум за соработка меѓу повеќе централни банки од Југоисточна Европа на полето на финансиската едукација и финансиската инклузија. Неговите одредби се одраз и на заедничката определба на централните банки за координирано и успешно одговарање на новите предизвици во оваа сфера во целиот регион. Се очекува дека исполнувањето на она што е досега зацртано во меморандумот може да донесе бројни придобивки, како за граѓаните и корпоративниот сектор, така и за финансиските системи и за унапредувањето на пазарите на капитал во регионот – за економиите во Југоисточна Европа во целина.
На состанокот ќе се одржат и три тематски сесии на кои учесниците одделно ќе се осврнат на досегашните институционални искуства на национално ниво, на полето на финансиската писменост и инклузија. Последната сесија ќе биде пред сѐ фокусирана на размената на мислења за идното делување на централните банки и другите финансиски регулатори во оваа сфера.
Во изминатиот период, Народната банка ги засили своите активности за подигнување на финансиската писменост кај нас, а од оваа година и финансиската инклузија е дел од нејзината работна агенда.