Бошњачката заедница во државава е етаблирана како неизоставен дел од нашето општетсвено ткиво, чијшто придонес како на колективно така и на индивидуално ниво е од огромно значење за развој на државата, не само во овие години на самостојност, туку и во времињата пред тоа, рече вицепремиерот и министер за внатрешни работи вечерва на свечената академија по повод Меѓународниот ден на Бошњаците – 28 Септември.
Упатувајќи честитки до припаднците на Бошњачката заедница во државава Спасовски потенцираше дека покрај љубовта и лојалноста кон татковината тука кај нас сите ги поврзуваат и меѓусебната блискост изразена по однос на традиционалните културните и другите вредности што ги споделуваме.
– Наша примар цел како држава и општество и натаму останува грижата и надградувањата на начелата и вредностите за еднаковост на сите граѓани за нивно целосно општествено интегрирање независно од етничката или верската припадност, за зачувување на културната односно идентитетска различност како посебен квалитет на нашето опшетсво. Притоа, водејќи сметка тоа да остане еден од темелните принципи за во натамаошната демократизација и развој на држвата, рече Спасовски.
На свечената академија, во организација на Бошњачкиот национален совет на Северна Македонија, присуствуваа претставници на власта, политички партии, дипломатскиот кор, невладини организации.
Бошњачкиот национален совет на Северна Македонија, како што истакна претседателот на оваа организација Џевад Хот, заедно со останатите институции и организации и понатаму ќе бидат бедем на заштита на нивниот јазик, вера, култура и историја. – Исто така ќе бидеме препознаени од власта како партнери во примена на законите и права коишто ги гарантира држвата во која живееме и дека со тие постапки ќе бидеме пример во регионот, наведе Хот.
По повод Меѓународниот ден на Бошњаците до припадниците на оваа етничка заедница честитки упатија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.
Според Законот за празници, 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е неработен ден за граѓаните припадници на бошњачката заедница во државава.