Во Карпош се спроведува голема есенска акција за чистење. Комуналните служби на локалната самоуправа и ЈП Комунална хигиена – Скопје чистат во повеќе населби, а особено е ставен акцент на миење на главните и сервисни улици со цистерни.На располагање е механизацијата од ЈП Комунална хигиена, со цел темелно да се исчистат и измијат улиците.
Aкцијата почна од платото во Карпош 3 (кај фонтана), каде што градоначалникот Стефан Богоев и помошник директорот на ЈП КХС, Кемал Муслиу дадоа изјави и ја информираа јавноста за оваа акција, но и за следните активности:
- Сакам да истакнам дека сме во процес на набавка на две цистерни за миење на улици, еден кипер (со плуг за чистење на снег и распрскувач на сол) и еден рачен вшмукувач за лисја и поситен комунален отпад.
Исто така, околу 10 наши вработени по урбаните заедници, се во процес на добивање на овластување за да бидат редари. Тоа значи да вршат редовни контроли на терен, да казнуваат за неправилно фрлање на отпад, како на физички лица, така и на правни субјекти! Апелирам на зголемена свест и грижа за околината, затоа што инспекциските контроли се интензивираат!
Сите носиме одговорност за здрава и чиста животна средина, рече Богоев.
Помошник директорот Муслиу напомена дека јавното претпријатие ќе продолжи да им помага на опшините во секојдневното справување со нечистотата, затворањето на диви депонии и слично. Тој ја поздрави иницијатива на Општината за зголемени контроли на терен и санкција на загадувачите.